ДКЦ Карпош го прослави 65от роденден

Синоќа (петок, 7 јуни) во Универзалната сала, со пригодна Музичко-сценска манифестација, ЈУ Детски културен центар „Карпош“, го прослави јубилејот 65 години од своето постоење и работење.

На Манифестацијата по повод јубилејот на ДКЦ, присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Ми претставува чест што имам можност да ви се обратам по повод јубилеј со којшто не може да се пофалат многу центри на македонската култура и уметност. Детскиот културен центар Карпош веќе 65 години е нераскинлив дел од македонското културeн амбиент, претставувајќи дом на неколку генерации надарени деца. Клучот на долгогодишното опстојување е фактот што уште од далечната 1948 година развива богата педагошка активност во различни сфери на спортското, образовното и уметничкото изразување. ДКЦ Карпош може да се пофали дека своите почетоци му ги должат исклучителни имиња на македонската уметност и спорт. Првите мали чекори, во своите големи кариери, во оваа институција ги направија признати диригенти, вокални солисти, прима балерини, инструметалисти, композитори и шаховски велемајстори, со што оваа градска установа може да ја вброиме во една од најплодните јавни институции во државата. Секако, ни Градот Скопје, ни вработените во Детскиот културен центар не запираат тука. Една од најпрепознатливите градби на Скопје и во иднина, со поддршка на Градот Скопје и упорноста на ентузијастите и професионалците од Карпош, ќе биде центар на детскиот активизам и едукација, давајќи значителен придонес кон македонскиот јавен живот, истакна градоначалникот Трајановски.

Свеченоста се одржа под мотото „65 години Детски културен центар Карпош – синоним на детското творештво и културата за деца. Покровител на настанот е сопругата на Претседателот на Р.Македонија, г-ѓа Маја Иванова, а во Универзалната сала настапија Вјечеслав Поповски-вокален солист; балетската група на ДКЦ „Карпош“ со извадок од „Лебедово езеро“; сценско-музички перформанс „Снежен град“; „Младите амбасадори“-гости Лилјана Трпчиќ и Јордан Самарџиски; „Ролеријада на сцена“; „Априлијада на сцена“; „Оро без граници“-настап на фолклорен ансамбл на ДКЦ „Карпош“; „Модерни танци“-танцова група на ДКЦ „Карпош“; настапи Викторија Ивановска на виолина; Дарко Багески квартет-класична гитара; „Танец“ и фолклорниот  ансамбл на ДКЦ „Карпош“. Во рамки на Манифестацијата настапија и познати јавни личности кои некогаш биле дел од секциите на ДКЦ „Карпош“ како пијанистот Симон Трпчевски, пејачката Викторија Лоба и поп ѕвездата и актер Влатко Илиевски и членовите на фолклорниот ансамбл „Танец“.

Химната на ДКЦ за оваа пригода ја напиша Драган Мијалковски, а  ја изведуваа членовите од хорот на „Златно славејче“. Водители на Манифестацијата беа Дејан Лилиќ и Марија Петреска.

Во ДКЦ „Карпош“ се одржувале и сеуште се одржуваат секции од кој најбројна е фолклорната, од која произлегле многу познати играорци. Покрај оваа секција за 65 години од Центарот излегле многу познати актери, балерини, шахисти, пијанисти, музичари и пејачи. Покрај секциите ДКЦ „Карпош“, годишно одржува разни манифестации во кои учествуваат деца од градинките и основните училишта од Скопје и околината, се натпреваруваат, учат, го покажуваат својот талент и инвентивност, а воедно и се забавуваат. Такви манифестации се многу: „Играм и пеам за мојата мајка“, „Снежен град“, „Цртање на асфалт“,    натпревар во класична гитара, Гитар Фест-“Тремоло“, „Априлијада“, „Ролеријада“, Меѓународниот фестивал „Оро без граници“, „Училишна квизотека“ ,„Весел плоштад на зајдисонце“ и уште многу други манифестации и приредби.

Манифестациите за одбележување на јубилејот 65 години ДКЦ „Карпош“ беа посветени на некогашните, сегашните и идни карпошовци…

You May Also Like