„Колибри“ го слави 55-от роденден

“Колибри”, единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, што секој вторник излегува на страниците на „Нова Македонија“, в сабота ќе го одбележи својот 55. роденден.

Оваа долга традиција на излегување на ова интересно и поучно четиво за најмладите ја одржаа повеќе ентузијасти, кои му дадоа печат на „малиот весник“, со кој растеа и се едуцираа повеќе генерации.

Голем број креативци својата дарба, ентузијазам, професионализам и бескрајна љубов кон децата ги преточија на страниците на „Колибри“. Сепак, поетесата Евгенија Шуплинова ја започна целата оваа приказна, му вдахна живот на „Колибри“ и нејзиното име е запишано на првите страници во неговата 55-годишна историја. Таа сакајќи новиот детски прилог што доби задача да го уредува, како додаток на „Нова Македонија“, а чиј прв број излезе на 6 јули во далечната 1958 година, да има име што ќе асоцира на нешто мало но цврсто, љубопитно, снаодливо и убаво, му го даде токму ова име – „Колибри“.

Јубилејот ќе биде прославен в сабота во 11 часот, во Драмскиот театар во Скопје, со роденденска забава за која ќе се погрижат познатиот телевизиски водител Ивце Пивце, златните славејчиња, мажоретките на РК „Металург“, танчарите од студиото „Еурека“, младата пејачка Наталија, децата од ДКЦ „Ѕвезда“ и многу други пријатели на „Колибри“, уште од неговите први денови, па сѐ досега. Во продукција на „Котиледон“ е реализиран и документарен филм, за почетоците на „Колибри“, со кој ќе почне саботното дружење.

Од редакцијата порачуваат дека и во иднина, секој вторник, овој единствен прилог за деца ќе продолжи да ги едуцира, да ги забавува и да ги наградува своите млади читатели, како дел од весникот „Нова Македонија“.

You May Also Like