Поддршка за македонската музичка сцена

Сметаме дека со овој закон ќе се поттикне домашната продукција, ќе се афирмираат домашните автори и репродуктивци, како и музичките вредности на Македонија, а истовремено авторите, изведувачите, како и продуцентите, покрај вредносниот морален бенефит, ќе имаат и економска полза, посредно и преку организациите за колективно управување со авторското право и сродните права, истакна министерката за култура, Канческа-Милевска.

Во „Музејот на македонската борба…“ вчера (вторник, 16 април) се одржа првата јавна дебата за нацрт-законот за поттикнување на домашното творештво во забавната и народната музика. На дебатата на која покрај директорот на МРТВ, Марјан Цветковски, кои се носители на целиот проект, присутни беа истакати уметници, изведувачи, текстописци, аранжери, продуденти кои дискутираа околу текстот на новиот нацрт-закон, кој е и одговор и на заложбите на новиот закон за медиуми, кој предвидува поголема застапеност на македонска музика и домашно творештво на програмите на радиодифузерите.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска образложувајќи го нацрт-законот истакна дека станува збор за една благородна иницијатива која ќе ги унапреди состојбите во музичката дејност во нашата држава.

Големиот број  на анализи кои што во изминатиот период ги направивме, како и  социолошко-општествените појави и влијанија на времето во кое живееме, укажаа дека во последната деценија има евидентен пад на продукцијата на македонската популарна, забавна и народна песна. Затоа, сметавме дека е од исклучителна важност да се преземат мерки и дејствија кои ќе дадат суштински придонес во поддршката на музичката култура во РМ. Сметавме дека на македонската популарна музичка култура, на македонска забавна и народна музика ѝ е неопходен и дополнителен стимул, со кој ќе се димензионира обемот на македонската продукција, а со тоа ќе се постигне и потребниот ефект на квалитетно творештво, истакна министерката за култура.

Со новиот предлог-закон е предвидено, Јавниот сервис МРТ да субвенционира годишно создавање на 200 нови композиции во 8 категории: и тоа „таленти“; „афирмиран изведувач“; „истакнат изведувач“; „врвен изведувач“; „ѕвезди“; „композиции со кои се афирмираат семејните вредности или многудетните семејства“; „детски композиции“; „композиции со текст со кој се афирмира историјата на Македонија, во смисла на нејзината борба за државност и самостојност, или се афирмира Република Македонија“.

За создавањето на новите композиции во областа на забавната и на народната музика и детските композиции, МРТВ во текот на годината ќе објавува квартални конкурси во декември, април, јуни и септември. На конкурсот може да конкурира изведувач како поединец или група на изведувачи со оригинална композиција која досега не е јавно изведена. Изведувачот и авторите на композицијата треба да се државјани на Република Македонија. Еден изведувач може да конкурира на конкурсот во една категорија со неограничен број композиции но, може да му бидат поддржани најмногу три композиции годишно.

Што се однесува до категоријата „Ѕвезди“,на еден ист изведувач може да му бидат поддржани најмногу 2 композиции годишно, за кои изведувачот нема обврска на конкурсот да достави композиција, туку само барање и друга документација по конкурсот.

Композициите избрани на конкурсот во: категориите „таленти“, „афирмиран изведувач“, „истакнат изведувач“, „врвен изведувач“, „композиции со кои се афирмираат семејните вредности или многудетните семејства“ и категоријата „композиции со кои се афирмира Република Македонија“ ќе се финансираат со средства во износ од 3000 евра, од кои 1500 евра се за звучна снимка на композицијата, а 1500 евра се за продукција на спот за композицијата. Композиција од категоријата „детски песни“ ќе се финансира со средства во износ од 400 евра, а композиција од категоријата „ѕвезди“ ќе се финансира со средства во износ од 4500 евра, од кои 3000 евра се за звучна снимка на композицијата, а 1500 евра за продукција на спот за композицијата.

По барањата пристигнати на конкурсот ќе одлучува комисија која ќе утврдува, дали изведувачите ги исполнуваат условите во конкурсот и ќе дава стручно мислење за квалитетот на доставената композиција. Квалитетот на секоја композиција ќе се оценува со бодови од 1 до 10. Композициите кои ќе освојат над 30 бодови влегуваат во потесната селекција. Во првите два конкурса ќе бидат поддржани најмногу до 37 композиции, а во третиот и во четвртиот квартал по 38 композиции. Овој Закон во Република Македонија ќе се применува во следните 5 години.

You May Also Like