Децата и фотографијата

Децата многу сакаат да сликаат и фотографираат.  Од сите форми на уметноста, фотографијата бара најмалку работа, а во исто време им дозволува на децата да го изразат она што го мислат.

 

Што учат децата преку фотографијата?

Нови перспективи
Фотографијата ги учи децата да ги погледнат нештата одблизу и да откријат целосно нови перспективи.

Способност за наоѓање нови решенија
Пред да биде направена една фотографија, се поставува прашањето :“Што е темата на сликата“? ,“На што ќе се фокусира“,“Каков агол ќе се користи“…“Што таа слика сака да им пренесе на другите“?

Разбирање на уметноста и науката
Фотографијата е уметност и наука. Како уметност, таа е одлично средство за творечко себе изразување. Но исто е и техничко средство, кое е богато со научни теми, како светлина, математика и сл…па дури и компјутерски науки.

Самодоверба
Освен довербата во себе, добиена од стекнатото знаење на училиште, кога децата се научат да прават подобри слики, фотографијата може да направи чуда за срамежливите и неуверени во себе деца. Фотографијата е знаење, кое ќе ги поттикне овие деца да се вклучат во активности, каде нема да останат незабележани. На пример учителот може да го назначи младиот фотограф од класот, да ја слика забавата на некој празник во училиштето. Или ако е малку повозрасно, може да биде фото-репортер во училишниот весник, каде “криејќи се зад камерата“ многу лесно може да ги запознае другите и се вклопи во тој круг. Токму ова може значително да ја намали срамежливоста и повлеченоста, а да ја зголеми самодовербата. Колку повеќе нови фотографски знаења трупа детето, толку повеќе другите ќе сакаат тоа да ги слика нив или нивните пријатели. Така детето ќе запознава нови пријатели и во исто време ќе прави интересни и забавни фотографии.

Гордост и задоволство од себе
Децата се чувствуваат задоволни од себе и горди се, кога видат дека нивните слики вршат влијание на другите. Пример, пејсажите од Македонија можат да ги натераат другите деца да излезат со родителите на прошетка до местото што е сликано, да дознаат нешто повеќе за него и го видат со свои очи. А смешните и уметнички слики сигурно ќе предизвикаат насмевка во сите деца.

Забава
Фотографијата за деца, пред се е забава. Таа може да биде едно пријатно и интересно хоби, кое може да биде научено од нај-рана возраст. Првите стапки во фотографијата можат да бидат уште на 3 годишна возраст. Во тој период децата не се способни да научат многу, но родителите можат да ги запознаат делумно со камерите и да им постават разни задачи, кои ќе треба да ги направат. На пример, детето ќе треба да најде предмет со определена боја или да започнува на определна буква и да го слика.

За крај,
Детето, што се приврзало кон фотографијата, е дете кое ретко знае да каже “Досадно е, нема што да се прави“. Збогатено со знаење, фотоапарат и објектив, тоа секогаш има што да прави.

Подготвил: Л.Ѓ.

You May Also Like