Крива Паланка град на културата за 2013 година

По објавениот конкурс на Министерството за култура за финансирање проект од национален интерес за манифестацијата „Град на културата за 2013 година“, и разгледувањето на пристигнатите пријави, се одлучи Крива Паланка да биде престолнина на културата за 2013 година.

Програмата на општина Крива Паланка содржи конкретни, квалитетни и разновидни културни содржини од сите дејности. Во реализацијата на активностите ќе учествуваат установи и здруженија на територијата на општината, односно националните, општинските и образовните установи, библиотеките и други субјекти. Комисијата, која ги разгледуваше пристигнатите пријави, посебно ја истакна предноста на општината Крива Паланка поради нејзината геостратегиска положба, како и добрата соработка со соседна Република Бугарија и големата фреквенција на движење. Комисијата, исто така, го изрази задоволството од вклучувањето на повеќе културни содржини во комплексот „Свети Јоаким Осоговски“ со што ќе се поттикне културниот туризам во регионот, соопштуваат од Министерството за култура.

Програмата е збогатена со сите постојни традиционални фестивали и манифестации кои ќе бидат реализирани под еден белег, Град на културата 2013 година. Предвидени се музички манифестации од сите жанрови, традиционална музика и фестивалска промоција на игри, ликовни колонии, одбележување на значајни датуми и личности, драмски фестивали, поетски читања, промоции, изложби и концерти. Во програмата ќе учествуваат уметници од сите генерации и таа ќе содржи активности од сите структури.

Се смета дека со прогласувањето на општина Крива Паланка за Град на културата за 2013 година ќе придонесе за унапредување на културата во овој регион, како и за негов развој и афирмација воопшто.

You May Also Like