„Тајни ветрови“- македонска поезија на шведски јазик

Во Градскиот музеј во Гетеборг се одржи промоција на книгата поезија „Тајни ветрови“, во која се застапени стиховите од тројца македонски поети: Бранко Цветкоски, Славе Ѓорѓо Димоски и Братислав Ташковски.

Изборот и препевот на шведски се на Ивица Челиковиќ, а двојазичното шведско-македонско издание е објавено во копродукција на АБФ-Гетеборг и „Макавеј“ од Скопје,

Промоцијата ја организира Градската библиотека во Гетеборг во рамките на започнатата соработка со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Во рамките на овој културен настан директорот на библиотеката „Браќа Миладиновци“, Бранко Цветкоски ја претстави едицијата „130 тома македонска книженост“, при што комплет од оваа едиција преведена на англиски јазик ќе биде дониран за книжниот фонд на Градската библиотека во Гетеборг.

Поетскиот избор „Тајни ветрови“ ќе биде промовиран и во просториите на Македонското друштво „Гоце Делчев“ во Гетеборг, каде што по тој повод се одржи и поетско читање.

You May Also Like