Кларинетисот Васко Дуковски со настап во Обединетите нации

Васко Дуковски, македонскиот кларинетист кој што живее и твори во Њујорк, минатиот викенд настапи со ансамблот за современа музика Арџенто изведувајки седум премиери на дела компонирани од композитори од Универзитетот Колумбија.

Неделава ќе настапи на уште неколку важни настани во Њујорк, меѓу кои е и денешниот настапот (21 март) во Обединетите Нации по повод дебатата за меѓуетнички и меѓучовечки односи на Алијансата за цивилизации на ОН, организирана од претседателот на ОН, на кој ќе изведе дела од познатиот српски композитор Александар Симиќ.

Во петок, Дуковски заедно со прекрасен тим на изведувачи ќе го придружуваат македонскиот композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев во клубот „Дром“ во Њујорк, на презентазија на материјалот од неговиот нов албум „Сон.Верба.Љубов“ кој се очекува наскоро да излезе.

Дуковски паралелно работи на својот нов албум заедно со ансамблот за современа музика Талеа којшто содржи дела од познатиот италијански композитор Фаусто Ромители (Fausto Romitelli). Ќе се снима наредниот викенд во мултимедијалниот културен центар „EMPAC“, кој го поттикнува развојот на авангардни уметници и композитори.

You May Also Like