Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, вчеравечер (вторник, 20 септември 2011 година), во 20:30 часот се отвори изложбата на Слободан Милошeски со наслов “Варијабилна артикулација“. Проектот е просторна инсталација составена од повеќе целини.
“Опоненцијата е во природата на балансот, во суштината на хармонијата, еквилибрум без кој ниту една егзистенција не би била можна. Дуализмот во бинарниот систем, бинарниот начин на восприемање на нештата во реалноста, алгоритмот за изнаоѓање на позицијата на бараниот елемент, воспоставувањето на односот на сите елементи во еден систем и варијабилите, т.е. опциите за наоѓање на математичката сушност на самите релации се само иницијација за базисот на најновиот истражувачки проект на Слободан Милошески насловен „Варијабилна артикулација“. Овој проект во себе вклучува повеќедимензионални елаборации и истражувања почнувајќи со пластични, т.е. формални модалитети, научно-технички перпетуации и, секако, филозофска подлога како концепциска поткрепа на ставовите и перцепциите.
Проектот на Милошески вклучува и научни согледби за транскрипцијата на една идеја, секако во конкретниот случај неговиот контекст, т.е. за аксиоматичната варијабилност на бинарните системи, постоењето на безброј комбинаторики за разрешување на релациите меѓу елементите на системот, нудењето неколку можни решенија кои што може, но и не мора да се прифатат како вистинити, визуелизација на исполнета бинарна шема и празна шема, без бројки и варијабили итн. Од друга страна, тука е и информациската природа на „читањето“ на нештата, т.е. постоењето на емитер, реципиент и емисија на шумови кои што може, но и не мора да бидат транскрибирани на конкретен начин. Веројатноста останува отворена како опција, а секој реципиент станува активен сочинител во рамките на системот, со што проектот може да се третира како интерактивен, а секој поединец има право на свое толкување на идејниот дискурс.
Можеби овој проект нуди многу можни комбинации за негово толкување, но секоја индивидуална вистина е посебна, единствена, точна и токму тој аспект е клучниот во концепот на авторот. Ликовноста, покрај контекстуалноста, останува доминанта во визуелизацијата на проектот „Варијабилна артикулација“ на Слободан Милошески.”
Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија и истата ќе биде отворена до 5 октомври 2011 година.