Гран При за загребчанката Еција Ојданиќ за монодрамата „Бобочка“ на фестивал за монодрама „Битола 2014“ …
Еција Ојданиќ, актерка од театарот „Морузгва“ во Загреб е годинешен добитник на највисокото признание, наградата Гран при на Интернационалниот фестивал за монодрама „Битола 2014“.
Меѓународното стручно жири предводено од македонската актерка Мими Таневска соопшти дека наградата Гран при е доделена за монодрамата „Бобочка“ од Мирослав Крлежа во режија на Иван Лео Лемо, заради брилијантната изведба на актерката Ојданиќ.
– Чест е да се добие Гран при на меѓународен фестивал. Оваа монодрама е мојата прва монодрама во кариерата, играв пред многубројна публика и чувствував дека сите се задоволни. Среќна сум што уште еднаш ви го доближав Крлежа, најзначајниот хрватски писател во 20 век со монодрама која ја подготвував една година. Во Македонија пристигнав со сеќавањата од детството, но уверена сум дека можеме повторно да соработуваме бидејќи во овој регион добро се разбираме и имаме заеднички желби и мисли, истакна годинешниот лауреат во Битола, хрватската актерка Еција Ојданиќ.
На 16-то издание на Интернационалниот фестивал за монодрама „Битола 2014“, жирито додели и специјална диплома за филозофско осмислување на темата и хармонично, сценска изведба на актерот од Косово Ментор Зумберај, додека на актерката од САД Нина Салинен доби награда специјална диплома оригинален пристап кон истражување на нови театарски форми.
Свеченото затворање и доделување на наградите за најдобрите монодрамски остварувања ќе биде извршено вечер во битолскиот театар кога во чест на наградените Театар Комедија од Скопје ќе ја изведе претставата „Стјуардеси“ на Марк Камолети во режија на Синиша Ефтимов.