На 25 и 26 јуни, во Скопје ќе се одржи Меѓународниот фестивал на филмски сценарија “Скрипт фест 2014“. Фестивалот ќе се одржува во Културниот центар “Феникс“, а ќе започне во 10 часот. Фестивалот “Скрипт фест“ го организира Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација “Македонија Презент“ од Скопје.
Овој традиционален фестивал годинава се одржува трет пат, а ќе го отвори проф.д-р Александар Прокопиев од Институтот за македонска литература – Скопје.
Потоа, ќе бидат врачени и наградите на годинашните добитници: “Скрипт феникс“ на м-р Константин Плевнеш од Универзитетот ЕСРА Скопје-Париз-Њујорк за истражување, развој i значајни остварувања во филмската култура; “Скрипт презент“ – на Сунчица Уневска од “Утрински весник“ за долгогодишен критичарски придонес во филмската уметност; “Скрипт фест“ – на авторот Кузман Клековски за неговиот постојан ангажман и придонес на планот на филмот.
Специјално признание – наградата “Скрипт мост“ ќе му биде доделена на Раде Шербеџија за врвни и осведочени филмски остварувања и вредности.
По врачувањето на наградите, м-р Ана Опачиќ од Универзитетот ЕСРА Скопје-Париз-Њујорк ќе одржи работилница на тема “Сценарио за филм“, додека следниот ден за темата “Филмското сценарио денес – помеѓу желбите и реалностите“, ќе говори проф. д-р Христо Петрески.
На фестивалот Скрипт фест ќе бидат прикажани повеќе краткометражни и документарни филмови, а ќе биде организирана и промоција на филмски изданија од Нишкиот културен центар и издавачките куќи “Феникс“ и “Маска“ од Скопје.