„Малиот принц“ за правата на лицата со интелектуална попреченост

Театарската претстава „Малиот принц“ во која сите актери се лица со интелектуална попреченост – корисници на дневниот центар – ПОРАКА Скопје ќе се одржи на  малата сцена на Македонската опера и балет, денеска (недела, 9-ти јуни 2013 година), со почеток во 19:00 часот.

Целта на театарската претстава е да се истакнат можностите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост и да се придонесе за нивна афирмација како еднакви граѓани во нашето општество.

Претставата се реализира во соработка со Театар „Пи“, чии членови – професионални актери во изминатиот период работеа со корисниците на подготовката  на претставата, а целата активност е поддржана  од Градот Скопје и Македонска Опера и Балет.

Театарската претстава „Малиот принц“ се реализира како една од активностите за одбележување на јубилејот – 50 години активно делување на РЦПЛИП – ПОРАКА.
Развојниот пат на РЦПЛИП – ПОРАКА од половина век е секако нешто што е достојно за почит. Во изминатите 50 години, РЦПЛИП – ПОРАКА, како матична организација на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија, е носител на бројни иницијативи чија цел е создавање на општество во кое сите лица со интелектуална  попреченост и нивните семејства ќе имаат достоинствен живот. Како мрежа од локални организации низ целата држава, РЦПЛИП – ПОРАКА придонесува во креирањето на сите позначајни закони, политики и програми во Република Македонија кои се однесуваат на човековите права на лицата со интелектуална попреченост и нивното остварување на национално и на локално ниво.

You May Also Like