Првпат во Македонија ќе гостува Големиот канадски балет од Монтреал (Les Grands Ballets), кој вечер (вторник, 8 април) во Македонската опера и балет ќе ја изведе балетската претстава „Минус еден“ во која учествуваат 25 танчари.
Се работи за врвен ансамбл со интензивна меѓународна агенда, чие гостување во Скопје е дел од балканска турнеја и е поддржано во Годишната програма на Министерството за култура на РМ.
Уметнички директор на Канадскиот балет од Монтреал е истакнатиот балетски уметник Градимир Панков, кој има македонско потекло, импресивна меѓународна кариера и соработка со најпознатите имиња од светските и европските танцови компании.
По богатата кариера како танчар на просторите на поранешна Југославија и Германија, тој успешно ја презел улогата на уметнички директор во неколку познати театри за танц: Холандскиот танцов театар II, Националниот балет од Финска, Кулберг балетот од Шведска и Балетот на големиот театар во Женева. Во престижниот Les Grands Ballets од Монтреал е од 1999 година.
На прес-конференција денеска Панков рече дека е чудно што досега не бил во Скопје и гостувањето овде, рече, е затворање на кругот на неговите патувања низ светот и доаѓање на почетокот, зашто во Скопје почнал да се занимава со балетска уметност. Во изминатите години тој имал контакти со својот град, преку поканите за награди, но поради обврски досега не дошол.
– Одушевен сум од тоа што е направено во културата во Скопје и се надевам дека контактите со нашиот балет ќе продолжат, рече Панков.
Претставата „Минус еден“ премиерно е поставена во 2002 година и е меѓу најиновативните дела на репертоарот на Канадскиот балет. Кореограф е Охад Нахарин, кој е уметнички директор на танцовата компанија „Batsheva Dance Company“, со кого Панков соработува уште од 1980-тите кога го водел Женевскиот балет.
За „Минус еден“ Панков најави големи изненадувања и рече дека е претстава која има близок однос со публиката. – Не е наративна претстава, туку се работи за фрагменти кои кореографски се фантастично поврзани. Едноставна е зашто костимите се без боја, црно-бели, сценски е решено како коцка. Има нови аспекти, наоѓам нови кореографски елеменети на изразување на телото, со различни движења и користење на класичната техника, но нема многу поврзаност со класиката. Претставата имаше голем успех низ светот. Македонија има фантастичен фолклор и во душата на македонскиот народ тој е многу важен. Како директор на компанијата, гледам извесна поврзаност, а вие поврзаноста ќе ја осетите по изборот на музиката, рече Панков.
Канадскиот амбасадор во Србија, надлежен и за Македонија Роман Вашчук истакна дека својата репутација Големиот балет од Монтреал ја должи на тоа што негови членови се меѓу најдобрите танчари на светот.
– Ќе имате можност и самите да се уверите на сцената на МОБ. Људмила Шараеф го основа Канадскиот балет во далечната 1957 година и од него произлегоа познати танчари и кореографи. Но постои посебна врска на овој балет со просторите на Балканот. Уметнички директор на оваа креативна компанија е Градимир Панков кој потекнува токму од Македонија. Благодарение на неговата посветеност и работа со младите танчари, преку неговата поинаква креативна визија за светот низ магијата на танцот, Големиот канадски балет прераснува во вистински инкубатор за млади таленти, рече Вашчук.
Музиката за овој балет е преземена од: Mambo fever; Cha Cha de Amor (продуцирана и аранжирана од Бред Бенедикт); Unknown Territory од Дик Дејл; Hava Nagila; Ehad Mi Yodea; Somewhere over the rainbow од Арлен Харолд (адаптиција, Маруша); „Фратрес“ од Арво Парт, aранжирано со Universal Editions Vienna.
Гостувањето на Балетот од Монтреал во Скопје е дел од Годишната програма на Министерството за култура и министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска имаше работна средба со Панков.
Во име на Министерството за култура, портпаролот Анита Јованоска рече дека се работи за исклучителен настан на врвни уметници. – Ова гостување го гледаме како убава можност да се продлабочи соработката која Република Македонија ја негува со Канада, можност институциите да разменат поголема соработка и размена на проекти и уметници, но и можност во Канада да се претстават македонски уметници и македонски дела, рече Јованоска.
Директорот на Македонската опера и балет Дејан Прошев додаде дека гостувањето е можност за културна размена и за споредување како се работи во светот.
Во рамки на турнејата, Големиот балетод Монтреал ќе гостува и во Атина, Белград и во Нови Сад.