Продавачите на уличното списание „Лице в лице“ ќе го понудат актуелниот, деветти број на посетителите на Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 8 до 14 април во Скопје.
Специјалниот штанд со логото на „Лице в лице“ ќе биде поставен во првата хала на Саем, а таму во смени ќе се менуваат продавачи од повеќе организации: Дневен центар за деца на улица во Шуто Оризари, „Порака – Волково“, од Здружението „Солем“ како и од Црвениот Крст на град Скопје.
– Со купување на еден број од актуелното издание на „Лице в лице“, ќе добиете и уште еден бесплатен примерок од претходните броеви на уличното списание. На овој начин, ќе си ја дополните колекцијата која до сега брои девет изданија – велат од „Лице в лице“.
На претстојните два други саема, кои делумно се поклопуваат со Саемот на книгата, како Денови на образование и кариера и Саемот за туризам ((10-12 април), ќе бидат присутни мобилни екипи на продавачи кои ќе циркулираат во останатите хали.
Уличното списание уште минатата година воспостави соработка со Скопски саем. Тогаш, исто така во рамки на Саемот на книгата беше промовиран четвртиот број, а на јавниот настан учествуваа и познати личности меѓу кои беа и актерката Амернис Нокшиќи – Јовановска, харфиската Весна Станојевска, спортистката Гордана Нацева и писателот Иван Шопов.