Гламурозен почеток на „Браќа Манаки“

Гламур, црвен тепих и ѕвездата Катрин Денев на него, се дел од асоцијациите за синоќешното (сабота, 15 септември, 2012 година) отворање на 33-от ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Илјадници љубители на седмата уметност, бројни новинарски екипи и гости беа дел од официјалниот почеток на фестивалот во Центарот за култура во Битола.

Годинешните лауреати на специјалната награда Златна камера 300, големиот светски кинематографер Кристијан Бергер и грандизоната француска дива Катерн Денев, не го криеја своето задоволство што дојдоа во Битола, на еден од најголемите светски фестивали на филмската камера.

Официјалниот почеток на 33-от „Браќа Манаки“, го означи претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов кој е и покровител на фестивалот, а потоа следуваше и премиерата на новиот филм на Митревски „Трето полувреме“. Поради големиот интерес, организаторите обезбедија уште една проекција веднаш по премиерата.

Фестивалот ќе трае до 21 септември и на него ќе бидат прикажани 74 филмови во 9 селекции. Македонската кинематографија е застапена со дури 28 филма, а крајот на „Манаки“ ќе го означи премиерата на филмот на Александар Поповски „Балканот не е мртов“.

You May Also Like