Во недела се трча Скопскиот маратон

Вчера, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на трката, Кире Синадиновски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски, на конференција за медиуми, говореа за деталите поврзани со претстојниот „Скопски маратон 2013“, што ќе се одржи в недела на 12-ти мај, со старт во 9:00 часот наутро.

zurnal.mk
zurnal.mk

На 7-от Скопски маратон, како и секоја година и оваа традиционално ќе се трчаат 4 трки, маратон на 42 195 метри, полумаратонот на 21 097 метри,  Хуманитарна трка на 5 000 метри и Детската трка Колгејт-Скопски мини маратон.

–  И годинава, Град Скопје е покровител на една од најголемите спортски манифестации во земјава, а секоја година Скопскиот маратон е се поголем и поголем. Годинава пријавени се над 3 600 учесници  од повеќе од 36 земји, од сите континенти, а со постигнувањето на добро време се исполнуваат и нормите за многу Европски спортски атлетски манифестации, како и за Олимписките игри, што го става нашиот маратон на листата на престижни спортски настани. Градот Скопје, секоја година ги зголемува финасиските средства што ги издвојува за оваа наша значајна Манифестација, па оттука се надевам дека и идната година Буџетот за одржување на Скопскиот маратон, Градот Скопје ќе одвои повеќе од годинава. На сите учесници на Скопскиот маратон им посакувам пријатен престој во градов и во земјава и се надевам дека ќе ги остварат посакуваните резултати, истакна градоначалникот Трајановски.

Директорот на Скопскиот маратон посочи дека минатата година на улиците низ Скопје трчале околу 3 600 учесници од 36 земји, а годинава според досегашниот интерес од спортистите и рекреативците, таа бројка е надмината.

Во моментов податоците за пријавените за Скопски маратон велат дека 200 учесници ќе ја трчаат маратонската трка, 600-тини се пријавени за  полумаратон, над 3 000 лица ќе учествуваат во трката на 5 км и 600 деца од 5 и 6 одделение на Колгејт мини маратонот. Во Скопје пристигнаа 5 натпреварувачки  од Кенија и неколку од Европа. Во машка конкуренција тројца Кенијци и тројца Унгарци, а во женска конкуренција за првото место ќе се борат две  натпреварувачки од Кенија и две од Романија, една од Русија и една учесничка од Република Хрватска. Се најавија групи учесници коишто ќе трчаат организирано како екипи/тимови. Така огромни групи доаѓаат од Словенија, Србија, Полска, Америка и од други земји. Стартот на маратонот ќе биде во 9 часот на улица Димитрие Чуповски, во близина на популарниот Рекорд, а целта ќе биде на Плоштадот Македонија. Подигнувањето на стартните пакети, заинтересираните можат да го направат од денеска до 11-ти мај од двокатен панорамски автобус на ЈСП, избрендиран со реклама на Скопскиот маратон, којшто ќе биде поставен на Плоштад Македонија. Со оглед на временската прогноза, очекувам в недела да имаме посвежо време и подобри услови за трчање, па оттука можеме да се надеваме на рекорд на патеката и во машка и во женска конкуренција, рече Синадиновски.

На трката на 5 000 метри голем број компании и групи ќе трчаат во тим билдинг трката (екипно натпреварување), а голем број од  учесниците  ќе трчаат како дел од групата „Трчаме за подобар живот“. Во рамките  на Скопскиот маратон Атлетската федерација на Македонија ќе го одржи Државното првенство во маратон.

Како Агенција, ни претставува особено голема чест што учествуваме во организацијата на еден ваков спортски настан што гордо го носи атрибутот традиционален, посочи директорот Пујовски.

Наградниот фонд и годинава останува ист како и минатата и изнесува 10.500 евра. Мерењето на времето ќе биде со тагови/чипови, секој што ќе ја заврши маратонската или полумаратонската трка на целта ќе добие медал. Во организцијата ќе бидат вклучени и голем број волонтери (околу 400 лица) и сите Јавни претпријатија од Град Скопје. За прв пат и Македонската ТВ ќе врши директен пренос од Скопскиот маратон.

Во периодот од 8-15 часот, во недела на 12.05.2013 година, низ скопските улици ќе има посебен сообраќаен режим. Покровители на Скопскиот маратон 2013-та се Град Скопје, Мисијата на Европската унија во Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт. Повеќе информации тука.

You May Also Like