Факултетот за музичка уметност – Скопје, во својот постојан стремеж да ги следи современите образовни, научни и уметнички тенденции, направи важни чекори за осовременувањето на наставата преку вклучувањето на музичката технологија во неа.
Во рамките на неколкуте Темпус проекти на ФМУ се отворија насоките и студиските програми за сонологија и мултимедија, а преку дејноста на ИРАМ (Институтот за истражување и архивирање на музиката) ФМУ еден од првите во Македонија почна со дигитализацијата на културното наследство.
Во правецот на натамошното проширување на сознанијата за музичката технологија и нејзината употреба за креирањето на музиката, на ФМУ беше презентирана програмата „Вовед во музичка технологија” во траење од 12 недели, чијшто концепт го разработи реномираниот композитор проф. д-р Роберт Саздов кој воедно и ја водеше истата. Во соработка со ФМУ – Скопје и Македонската Асоцијација за Електроакустична Музика (МЕМА), оваа програма претставуваше уште еден чекор за развојот на полето на електроакустичната музика и музичката технологија. Студентите според програмата ги изучуваа следниве теми: акустика, психоакустика, дигитална аудио теорија, техники на миксање, звучна манипулација, историја на електронска музика, музичка технологија и основни техники на компонирање на електроакустична музика. Програмата предизвика значаен оѕив кај млади композитори и други заинтересирани кои имаа можност да стекнат квалитетни знаења за оваа област.
