Во македонската Aмбасада во Париз преставени лауреатите на СВП

Oвогодишните лауреати на „Златен венец“, Ко Ун од Република Кореја и на наградата „Мостови на Струга“, Хари Ман од Велика Британија беа претставени во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на поезијата 21 март, во македонската Aмбасада во Париз, Франција.

Paris_Night-Pariz_nokje

На одбележувањето, организирано од УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата, пред присутните дипломатски преставници на неколку земји во УНЕСКО, дипломатските претставници на земјите од каде потекнуваат лауреатите, но и другите поканети гости, зборуваа амбасадорот на Република Македонија во Франција и во УНЕСКО, Агрон Буџаку, претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорѓо Димоски, и директорот на Струшките вечери на поезијата Мите Стефоски.

Беше присутен и лауреатот на „Мостови на Струга“, Хари Ман, кој читаше свои стихови. Модератор на вечерта беше Јасмина Шопова од УНЕСКО, која воедно беше и претставник на генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова.

Пригоден информативен текст за одбележувањето на Денот на поезијата и претставувањето на овогодишните лауреати на „Златен венец“ и на „Мостови на Струга“, УНЕСКО објави на својата веб-страница. Оваа информација беше единствената по повод Светскиот ден на поезијата објавена на страницата на оваа организација на ОН, покрај пораката од генералниот директор Ирина Бокова. На видно место на истата страница беше поставено логото со линк до веб-страната на Струшките вечери на поезија.

You May Also Like