Денеска (20 март 2014 година, четврток) во 12:00 часот Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ и Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје ќе одржат настан во просториите на библиотеката по повод Светскиот ден на раскажувањето и Меѓународниот ден на театарот за деца.
Светскиот ден на раскажувањето е глобална прослава на уметноста на усното раскажување. Се прославува секоја година на пролетната рамноденица. Темата за 2014 година е „Приказни за чудовишта и змејови”. Истиот ден се прославува и Меѓународниот ден на театарот за деца и младинци, па по тој повод, актерите Соња Стамболџиоска и Мартин Јорданоски ќе читаат и раскажуваат приказни на тема чудовишта, змејови, ламји и џинови од богатиот опус на македонски народни приказни. Ученици од прво до трето одделение од неколку скопски училишта заедно со нивните наставници, родители, баби и дедовци се добредојдени да ни се придружат на овој интересен настан.
Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’ го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор’’ – Македонија во соработка со Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар. Активностите кои ќе траат до ноември 2015 година директно ќе опфатат 61 училиште од сите региони на државата, а ОУ „Гоце Делчев“ – Горно Лисиче е едно од училиштата одбрани за учество на овој настан.
Целта на проектот е да се придонесе за подобрување на јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија, зајакнување на педагошките вештини на наставниците и подигање на свеста кај целата заедница за важноста од јазична и математичка писменост во интелектуалниот развој на децата. Низ интересни активности со познати пејачи, актери и останати аниматори, се организираат активности за учениците, нивните родители и целата локална заедница со цел да се претстават читањето и математиката на забавен начин за учениците.