Одбележување на 65-годишнината од „Танец“

По повод 65-годишнината од основањето на Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ денеска на големата сцена на Македонската опера и балет во Скопје ќе се одржи Свечена академија.

tanec-logo

Ансамблот „Танец“ овој месец одбележува 65 години од основањето. По тој повод од Ансамблот најавија дека целата 2014 година ќе биде јубилејна. Планирани се 25 концерти низ Македонија и пет во Скопје, од кои еден голем.

„Танец“ ќе има и повеќе настапи во хуманитарни цели, како и неколку гостувања во странство. Во мај Ансамблот ќе има минитурнеја низ Бугарија, во јуни ќе гостува во Рига, во рамки на манифестацијата Денови на македонската култура во Европската престолнина на културата во 2014, а во јули-август ќе патува во Хрватска.

На 5 јули ќе има концерт на плоштадот во Скопје, во рамки на „Скопско лето“, а по подолг период оваа година ќе гостува и на „Охридско лето“ со голем концерт на Антички театар. Во октомври, пак, планираат концерт „Игри и песни без граници“ во „Метрополис арената“, на кој ќе гостуваат ансамбли од регионот.

Одбележувањето на 65-те години почна во феруари со промоција на второто цеде „Незаборав“.

Одлуката „Танец“ да биде државен ансамбл на тогашна Социјалистичка Република Македонија е донесена во март 1949 година. Богатото фолклорно наследство, песните и ората од Македонија, „Танец“ ги има презентирано на голем број светски сцени, како Карнеги хол во Њујорк, Бољшој-театар во Москва, Опера хаус во Сиднеј, во концертните сали во Катар, Израел, Кина и во повеќето европски земји.

You May Also Like