Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈСП-Скопје, Мишо Николов, вчера (четврток, 4 април) ја промовираа новата автобуска линија 5 А.
Станува збор за автобуска линија која ќе сообраќа на релација од населбата Дексион во Општина Ѓорче Петров до Клиничкиот Центар.
– Новата автобуска линија 5 А се воведува на директно барање на жителите на Дексион и Ѓорче Петров, кои побараа уште една автобуска линија која ќе ја поврзе оваа општина со Клиничкиот центар. Сакам да и се заблагодарам на Владата на Република Македонија на помошта за обновување на возниот парк на ЈСП-Скопје, без којашто немаше да бидеме во можност да ги воведеме овие нови линии, кажа Трајановски.
Претходно, пред околу 2 години, ЈСП-Скопје ја воведе и новата автобуска линија 22 А која овој дел на градот, исто така, го поврзува со Клиничкиот центар.