Отворено второто издание на “Битола Шекспир фестивал”, со „Хенри Четврти“ на Националниот театар од Мексико …
Со одличната претстава „Хенри Четврти“ во режија на Хуго Аревиљага Серано, во изведба на актерскиот состав на Националниот театар од Мексико синоќа во Народниот театар во Битола започна второто издание на „Битола Шекспир фестивал“.
Со громогласен аплауз, многубројната публика, ја поздрави изведбата на претставата на мексиканскиот национален театар, која претходно била прикажана на фестивалот „Глoуб ту глоуб“ во Лондон, како и во максиканската метропола, каде наишла на особен прием.
Пред почетокот на фестивалот, се обратија американскиот режисер Џон Блондел од театарот во Санта Барбара, Калифорнија и битолскиот градоначалник, Владимир Талески кои ја истакнаа важноста од одржувањето на овој фестивал посветен на Шекспир во Битола и посакаа успешно фестивалско патување.
На годинашната програма на „Битола Шекспир фестивал“, кога и Македонија се приклучува кон одбележувањето на 450 години од раѓањето на Шекспир ќе бидат прикажани осум претстави посветени на творештвото на големиот англиски драматург.
На фестивалскиот репертоар вечерва во Народниот театар во Битола е претставата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Театар Комедија, додека утревечер на репертоарот е претставата „Хамлет“ во изведба на Националниот театар од Истанбул.
Фестивалот се одржува со поддршка на Министерството за култура и општина Битола.