Влезниците за OFF-Fest 2013 пуштени во продажба

Пуштени се во продажба билетите за дванаесеттото по ред издание на OFF-Fest, што оваа година ќе се одржи од 1-6 јуни, во организација на Скопскиот џез фестивал.

Цената на влезницата за концертот на популарната индиска ситаристка Анушка Шанкар и нејзиниот актуелен рага-фламенко проект “Traveller”, што ќе го отвори OFF-Fest на 1. јуни во Универзалната сала, изнесува 800 денари односно 1000 денари за место во некоја од ложите. Билетот за настапите на турското Таксим Трио, како и проектот „Биоскопија“ на Елена Христова и Горан Трајкоски (2. јуни, МОБ) ќе се продава по цена од 500 денари.

Уживањето во првото гостување на еден состав од Словенија на OFF-Fest, групата Брина (4 Јуни, Кино Фросина) ќе чини 200 денари. За концертите на „колумбиските Buena Vista SocialClub” – експлозивните Ондатропика и на неверојатно моќната и хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Азиз Самауи и неговиот бенд University Of Gnawa (5. јуни, МОБ), посетителите ќе плаќаат 500 денари. И конечно, влезницата за фестивалската завршница на 6. јуни во МОБ – атрактивниот аудио-визуелен перформанс на финскиот виртуоз на хармониката Кимо Похјонен и концертот на фасцинантните јужнокореански инструменталисти Тори Ансамбл, чини 500 денари. Комплетот билети за сите вечери се продава по цена од 1800 денари.

Билетите за годинешниот OFF-Fest може да се набават во: Југотон Рекордс, Пола Југотон, МОБ, Универзална сала и на www.kupikartizase.com и www.karti.com.mk. Сите концертни вечери на OFF-Fest започнуваат во 20:00 часот, освен отворањето со Анушка Шанкар, што ќе започне во 20:30 часот.

You May Also Like