Вчеравечер, на плоштадот „Карпошово востание“ до Камениот мост, со настапите на Дј Тина, етно метал бендот Хроматик Поинт и браќата Тавитијан со проектот „Македонското срце чука во 7/8 такт“ со специјалниот гостин Аки Рахимовски од Парни Ваљак којшто ги изведуваше старите македонски народни песни, почна осмото издание на винскиот фестивал „Вино-Скоп“ 2014.
Фестивалот официјално го прогласи за отворен градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
-Добредојдовте на осмиот по ред Фестивал на виното „Вино-Скоп“ 2014. Се надевам дека во наредниве пет дена ќе се дружите токму овде со добро вино, храна и музика. Ви пожелувам незаборавни моменти на „Вино-Скоп“ 2014, добра забава и одлично здравје, истакна градоначалникот Трајановски прогласувајќи ја оваа винска манифестација за отворена.
На овој фестивал учествуваат над 40 македонски винарии, а новитет годинава е што посетителите ќе имаат можност да пробаат и вински коктели како сангрија и вино мохито.
Мускат, Траминец, Александрија, Вранец, Темјаника, Мерлот, Каберне Совињон, Пинот Ноар, Кавадарка, Шардоне, Белан, Ризлинг, Совињон Бланк, Семилон, Смедеревка, Ркацетели, Темјаника, Жилавка, Станушина се само дел од сортите кои се одгледуваат во нашиот регион, а кои посетителите ќе може да ги пробаат на реномираниот вински фестивал. Афинитетот за одгледување грозје за производство на вино е еден од најважните во нашата историја, бидејќи уште од времето на македонската династија, преку римската империја, раното христијанство и се до ден денеска виното игра значајна улога во македонската традиција и во сите славенички церемонии. Македонија е земја богата со голем број винарии, а повеќето од нив ќе земат учество на Вино-Скоп 2014. На фестивалот ќе може да дегустираме вино од: Стоби, Далвина, Попова Кула, Попов, Тиквеш, Сковин, Пивка, Сопот, Бовин, Картал, Повардарие, Трајковски, Дудин, Визба Валандово, Винар, Изворно, Вардарска долина, Камник, Алтан и многу други. Од досегашното искуство на овој фестивал се покажа дека македонците пијат повеќе црвено вино и тоа од сортите Мерлот и Вранец, додека од белото вино најпопуларни се Траминец и Мускат. Низ годините и вековите, убавата географска положба и многуте сончеви денови прават македонското вино да биде меѓу најквалитетните во светот, а сето тоа надополнето со убавата музичка програма ветува уште една незаборавна фестивалска година. Но, доброто вино не оди и без добра храна, па така гурманите во посебниот „Food Corner“ ќе може да дегустираат од најдобрите сувомесни и млечни производи кои одлично одат со чаша вино
Вечер, на програмата на втората фестивалска вечер, посетителите на Вино-Скоп, ќе ги забавуваат Диџеј Тина, XXL, бендот „Тоа е тоа“, Фолтин и за крај Бени и Нон стоп.
На Вино-Скоп по долго време со концерт се враќаат Дарио и Миг 21, а ќе настапат и Куку Леле, Митан Проџект, Дани Димитровска, Миле Кузмановски, Благица Павловска, УскаКан Оркестар и многу други.
Паркингот до Музејот на холокаустот ќе биде отворен 24 часа за посетителите, а за оние што ќе дегустираат вино, препорачуваме да конзумираат одговорно и да не возат, туку да го користат градскиот јавен транспорт или да одат пеш.
Организаторите како и винариите учесници ветуваат добра музика, дегустација на врвни вина по цени за сечиј џеб, деликатесно мезе во катчето за храна и пет дневна забава до утринските часови.
МОТО на Манифестацијата Вино-Скоп 2014 годинава е: „Бидете дел од една различна приказна!“.