Владимир Георгиевски во Санкт Петерсбург во организација на НГМ

Во организација на Национална галерија на Македонија, во Литературно – меморијалниот музеј „Ф.М.Достоевски“ во Санкт Петерсбург, на 17 октомври 2011 година (понеделник), со почеток во 19:00 часот ќе се отвори самостојна изложба на академскиот сликар Владимир Георгиевски со наслов “Ecce Homo”.

Изложбата се организира во рамките на Денови на македонската култура во Русија, и истата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.

На изложбата ќе бидат поместени 68 дела изведени во повеќе ликовни техники (масло, акрил, акварел, цртеж, колаж и релјеф) од повеќе фази од неговото творештво.

Изложените дела ја отсликуваат повеќеслојната уметничка мисла на авторот, како и неговата комплексна философска содржина. Имено, во севкупното творештво на Георгиевски човекот и неговата судбина се есенцијален проблем и негова константна естетичка провокација и творечка преокупација.

Мотивите во делата на Георгиевски се тесно поврзани со религиската философија, со Бога и небесата, со вистината и страдањето, со љубовта и смртта и со сé она што сведочи за човековиот дух и неговата енергија. Затоа, неговите дела зрачат со чувство, со емоција, со драматичност…

Насловот на изложбата “Ecce Homo” – “Тоа е човекот” наполно одговара на авторовиот идејно-содржински концепт, бидејќи станува збор за ЧОВЕКОТ како најголема тајна на сознајниот свет кој во новата цивилизација страда со болка заради маргинализираната вредност на духот и заради се поголемата ориентација на неговата енергија кон материјалниот свет.

Владимир Георгиевски се вбројува во редот на реномираните македонски уметници. Тој е автор со богата творечка имагинација и индивидуална творечка експресија.

Неговиот дијапазон на интереси е доста голем: тој е сликар, скулптор, сценограф, есеист, педагог, критичар.

Роден е 1942 година во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1968 година во класата на проф. Младен Србиновиќ.

Од 1983 до 2005 година работел како професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Досега самостојно изложувал во Скопје, Битола, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев и Софија, а учествувал и на голем број групни изложби реализирани во земјава и странство.

Изложбата ќе ја отвори г-дин Драган Недељковиќ, заменик министер за култура на Република Македонија и истата ќе биде отворена до 29 октомври 2011 година.

You May Also Like