Филмаџиите од сите страни на светот од вечерва во Битола на натпревар за златна, сребрена и бронзена „Камера 300“ што ги доделува Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Во пресрет на свеченото отворање, организаторите соопштија дека годинашен добитник на наградата за животно дело „Златна Камера 300“ е Данте Спиноти од Италија, заштитен бренд на светската кинематографија, а специјална награда ќе му биде врачена на францускиот кинематограф Бруно Делбонел, како и на српскиот актер Мики Манојловиќ за особен придонес во светската филмска уметност.
Свеченото отворање ќе почне со врачување на наградата за животно дело, а веднаш потоа ќе биде емитуван филмот „Крвта што простува“ кој ја освои наградата Сребрена мечка за сценарио на фестивалот во Берлин и чија екипа ќе се качи на фестивалската сцена во битолскиот Центар за култура.
– На годинашниот фестивал „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажани 75 филма во осум програмски селекции. Во Битола пристигнаа околу 400 кинематографери, режисери, сценаристи, актери, филмаџии, филмски фанови од светот и Македонија. Наши гости се и 80 студенти од бугарската академија и од филмската академија во Скопје и затоа едноставно ќе речам – да живее киното, да живее фестивалот „Браќа Манаки“, рече Лабина Митевска во пресрет на вечерашното отворање.
Меѓународното стручно жири на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе го предводи лауреатот Данте Спиноти, а заедно со него за фестивалските награди ќе одлучуваат и Мартин Швајхофер од Австрија, Ева Заоралова од Чешка, Гоце Смилевски од Македонија и Најџел Волтерс од Велика Британија.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.