Министeрот за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска и заменик-претседателот на Владата на Република Турција Беќир Боздаг, престојуваа во Коџаџик, општина Центар Жупа, каде се гради „Спомен куќата и роднинската куќа на родителите на Мустафа Кемал Ататурк“.
Во општина Центар Жупа наскоро ќе биде комлетно реконструирана и промовирана родната куќа на семејството на Мустафа Кемал Ататурк. „Овој проект е од особено значење за Владата на Република Македонија и за граѓаните на нашата држава, бидејќи името на големиот Кемал Ататурк е трајна и нераскинлива врска помеѓу нашите две земји“, истакна Канческа-Милевска
Таа информираше дека реализацијата на проектот се одвива според предвидениот план и динамика и дека веќе се конзервирани и реставрирани старите, постоечки ѕидови во приземјето и е направена карабината на приземниот дел.
Турскиот вицепремиер истакнувајќи го своето задоволство што престојува во Македонија и во Коџаџик од каде потекнува големиот Ататурк, посебно ги нагласи пријателските односи меѓу двете држави и двата народа, .
Според планираното целокупниот проект треба да биде завршен до септември оваа година. Министерството за транспорт и врски веќе го изгради предвидениот пат од центарот на селото Коџаџик до Спомен куќата и се очекува дека по изградбата на објектот особено ќе се зголеми присуството на туристи од Република Турција. Проектот се реализира од страна на Министерството за култура во соработка со турската агенција за соработка и координација-ТИКА.