Одбележување на Светскиот ден на здравјето во Штип

По повод Светскиот ден на здравјето, невладините организации Уметност на живеење Македонија, Арт Лајф, Суна и Банка за храна, денеска (недела на 7 Април 2013), со почеток во 17:00 часот, во Паркот на уметноста, до Хотел Оаза, Штип,  организираат интересен настан.

 

На настанот ќе се садат семки од даб, а учесниците ќе имаат можност да се запознаат подетално како се одвива процесот на создавање и развивање на дрвото од една семка, да се дружат, забавуваат, да научат нешто повеќе за природата и чување на здравјето, и колку нашето здравје зависи од чистата околина.

Организаторите велат „Целта на оваа акција е да ја потикнеме свеста кај децата од мали нозе за грижа и чување на природата како и потикнување на љубов за природата и негување на здрави навики.

Сакаме да им понудиме на децата можност самите да засадат семка дрво, во саксија на која ќе стои нивното име. Секоја саксија ќе го носи името на детето и ќе може во текот на целата година да го посетува и да следи како се одвива растот на дабот. Идејата е децата да видат дека процесот на растење и созревање е дел од еден животен циклус и дека дрвјата се непроценливо богатство за кое треба сите ние да се грижиме. Повеќе дрвја –  повеќе чист воздух – повеќе здравје!

Македонскиот даб е ендемски вид со посебни карактеристики и преставува вистинско природно богатсво. Името македонски даб го добива затоа што неговиот ареал е соодветен со територијата каде што со векови живее македонскиот народ.

Велат дека дрвјата се белите дробови во природата, ве повикуваме сите заедно со здружени сили да придонесеме за Македонија да биде и остане зелена и чиста.

Загадувањето во Македонија, а воопшто и во светот се повеќе и повеќе се зголемува. Сведоци сме за низа на природни катастрофи кои се случуваат, глобално затоплување, зголемување на обемот на озонската дупка, промена на климата и уште многу други пореметувања кои се јавуваат како резултат на се поголемото загадување на воздухот и животната средина. Како резултат на ова пак, се повеќе се зголемува бројот на заболени лица од најразлични болести, а причина за нивното појавување се токму овие загадувања. Најголем и единствен виновник за ваква еколошка катастрофа која и се случува на планетата Земја е човечкиот фактор. Ние не можеме да и делуваме на природата, но можеме да делуваме на разбудување на свеста кај луѓето за заштита на животната средина и намалување на загадувањето на воздухот. Се разбира кога оваа свест ќе се разбуди уште од најраната возраст таа останува засекогаш и на тој начин децата уште од мали нозе се стекнуваат со знаења како да бидат еко пријатели на околината“.

Покровител на настанот е Јана-вода кои ќе донираат вода за сите учесници и ќе одржат кратко предавање за важноста од конзумирање на вода како и значењето на водата за здравјето на човекот.

You May Also Like