Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена самостојна ликовна изложба на академскиот сликар од Скопје, Денис Тенев …
Изложбата со која Тенев првпат се претстави пред културната јавност во Велес беше насловена „Дигиталното наспроти класичното“, а авторот пред публиката одржа и предавање на истата тема, на која следеше и дискусија.
На изложбата се поместени 15-тина слики во различни големини од класична до дигитална техника изработени од Тенев во периодот од 2009 до 2014 година.
Како што изјави Тенев за МИА, неговите најнови дела кои се од дигиталната уметност се всушност типографска уметност со букви, уметност, која вели, не е нова туку постои уште од 9 век.
– Особеноста на овие дела е во тоа што играта на делата е градација и фигуративноста се извлекува со играње на буквите од лајт до блек, односно од најтенките до најдебелите букви и на тој начин се прави таа градација од посветла до потемна. Едноставно фигурите излегуваат, а текстот можете да го прочитате без никаква потешкотија, појаснува Тенев.
Тој смета дека дигиталната уметност не треба да ја замени класичната уметност, и дека тоа се различни видови на уметност.
– Според мене дигиталната уметност е само алатка плус во ликовното творештво на еден уметник. Дигиталната уметност создадена преку дигиталната технолохија има своја убавина, но и свои слабости, смета Тенев.
За тоа како треба да се вреднува дигиталната уметност академскиот уметник појаснува дека оваа уметност не ја создава само компјутерот, бидејќи тој не е робот машина, туку зад него стои авторот, кој го креира своето дело.
Тенев досега изложувал во повеќе земји меѓу кои и во Германија, Франција и во САД.