Висока почест за амбасадорот Тевдовски во Канада

Вчера (25 ноември) Грета Хејл, Почесниот полковник на Пешадиската гарда на Генералниот гувернер на Канада, во името на Фрејзеровите хајлендери, му додели признание и почесен чин на македонскиот амбасадор Љубен Тевдовски. Оваа чест пред македонскиот амбасадор ја имаат добиено Амбасадорот на Обединетото кралство во Канада, Андрју Покок и Претседателот на канадскиот парламент, Дејвид Миликен.

Годинешниот собир на 78ата регимента на Фрејзеровите хајлендери во Отава беше свечено отворен со говор на македонскиот амбасадор Љубен Тевдовски. Ова е ретка прилика и особена чест собир на оваа регимента, која важи за значаен дел од културната и воената историја на Канада, да биде отворен од странец и претставник на друга држава во Канада.

Во рамките на церемонијата, во Главната цала на Домот на канадската армија во Отава, една од највлијателните личности во Отава, г-га Грета Хејл, Почесниот полковник на пешадиската гарда на Генералниот гувернер на Канада му додели почесен воен чин и фрејзерова лента на македонскиот амбасадор за заслуги за промоција на мултикултурализмот и културните традиции во канадското општество.

Во своето обраќање до присутните врвни претставници на дипломатскиот кор и канадски општественици, Амбасадорот Тевдовски, ги наведе заедничките вредности и мисии на канадските и македонските војници, учеството во мировните мисии, но и споделените вредности на македонското и канадското општество.

„Оваа Ваша почест кон мене е чест за целиот македонски народ кој ги споделува вредностите на демократијата, толеранцијата и почитта кон другите. Традициите на соживот на англиските, француските и шкотските доселеници во Канада, кои толку карактеристично се оцртуваат во историјата на вашата регимента, се истите оние традиции кои македонскиот народ ги негуваше и вгради во својата државност“. Македонскиот амбасадор се повика на зборовите на Панко Брашнаров и АСНОМ-ската Декларација за правата на човекот во антифашистичка Македонија.

Надвор од почестите врзани со канадските прославувања и традиции Фрејзеровите хајлендери минатата година го почестија на својата свеченост и британскиот Амбасадор, а како почесна гарда ја пречекаа и кралицата Елизабета II. Фрејзеровите хајлендери, надалеку прочуени по своите гајди и тапани, веќе трета години се вклучени и во прославата на македонскиот национален празник Илинден пред Парламентот на Канада.

Фрејзеровите хајлендери, регимента оригинално создадена од кланот Фрејзер во Шкотска во 1757 година, играла исклучителна улога во повеќе историски битки кои ја формирале Канада, нејзините лидери и наследници се вбројуваат помеѓу најзначајните политички, научни и образовни лидери во канадската историја, а нивните културни и воени традиции прераснале во почитувано културно наследство и дел од државниот протокол на Канада.

Помеѓу наследниците на влијателните Фрејзери во светот денес се вбројуваат основачот на Сајмон Фрејзеј универзитетот во Ванкувер, основачот на МекГил универзитетот во Монтреал, поранешните премиери на Австралија и Нов Зеланд, Малколм Фрејзер и Петер Фрејзер, основачите на бизнис империите Хенри Морган и Хародс во Северна Америка и многу други.

 

You May Also Like