УГД се подготвува за Фестивалот „КУЛТРА“

Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип годинава по третпат ќе го организира Фестивалот на театар и краток филм „Култра“.

Фестивалот кој има за цел да им даде креативен простор на сите млади и независни уметници кои храбро експериментираат со уметничките изрази користејќи нови форми за уметничка комуникација, годинава ќе се одржи во периодот од 18 до 20 април во Мултимедијалниот центар на УГД.

Со овој повик се покануваат сите уметници, незавини продуцентски и театарски куќи да го пријават своето учество со театарска претстава или краток филм. Повикот е отворен до 27 март 2013 година, аосновните пропозиции се следни:

– Театарските претстави што се бираат за учество во Фестивалот треба да бидат претстави од независни продукции од домашно или странско потекло. Во процесот на апликација за учество со театарска претстава треба да биде поднесен видеозапис од претставата, а доколку тоа не е можно, тогаш треба да се овозможи начин на кој селекциониот одбор би присуствувал на изведба на претставата во рокот што е предвиден за повикот за учество. Основни услови за избор на театарска претстава се нејзината пригодна содржина и уметничка вредност.
– Кратките филмови што се бираат за учество во Фестивалот треба да бидат од домашно или странско потекло. Во процесот на апликација за учество со краток филм треба да биде поднесен видеозапис од филмот. Филмската програма на Фестивалот предвидува прикажување на 30 краткометражни филмови продуцирани во последните 3 (три) години, со посебни исклучоци во кои филмовите можат да бидат и постари од три години.  Филмовите треба да бидат во .avi формат (доколку тоа не е можно, ќе се прифатат и филмови во ДВД формат).

Пријавувањето на филмските односно театарските содржини се врши на следниов начин:

–    Преку стандардна пошта:
Центар за односи со јавноста
Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип
ул.Крсте Мисирков бр.10-А
2000 Штип,
со назнака: Пријава за учество на Фестивал „Култра“;

–    Преку електронска пошта (е-mail): coj@ugd.edu.mk
со назнака: Пријава за учество на Фестивал „Култра“

You May Also Like