Виолистот Александар Јордановски освои Гран при во Израел

Во периодот од 23.04. до 30.04. во Елат, Израел, се одржа Натпреварот Sea Joy’s на кој настапија учесници од цела Европа.На овој натпревар  виолистот Александар Јордановски, ученик во IV година во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, Скопје, класа на Бојан Талески ја освои главната Grand Prix награда.

Александар е веќе докажан виолист кој има настапувано со Македонската Филхармонија, добитник на бројни државни и меѓународни награди, а минатата година беше на семинар во Италија кај светски познатиот виолист Јури Башмет, каде имаше можност да настапи на концерт со пијанистот на Башмет-Михаил Мунтиан.

Жири комисијата составена од еминентни музичари од Израел, Русија, Словачка и Македонија веднаш ги препозна квалитетите на Александар кој ја освои главната Grand Prix награда.

Директорот на ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, Јован Бицевски е посебно горд што по успехот и славата што ја постигна лани Ева Богоевска, оваа година светската, а со тоа и македонската јавност имаше можност да запознае уште еден ученик од државното музичко училиште во Скопје. Освен тоа што пошироката јавност запозна уште еден ученик, директорот Бицевски посебно го радува поддршката која повторно ја имаат од Министерството за Култура на Република Македонија кое несебично инвестира во создавањето нови млади музички имиња во класичната музика, но и создавањето нови композиции за виолина и виола кои се базираат на македонски традиционални теми и ќе останат засекогаш да се изведуваат од наши, но и странски музичари.

На натпреварот Александар премиерно ја изведе композицијата Рондо за виола и пијано, која специјално за оваа пригода ја напиша нашиот познат композитор Живоин Глишиќ.

На пијано Александар беше придружуван од пијанистка од Москва која беше воодушевена од изведбата на Александар, но и од композицијата специјално пишувана за оваа пригода.

You May Also Like