Академик Матевски и поетесите Апостолоска и Ацевска објавени во Индија

Во новиот број на водечката индиска електронска книжевна ревија, „Инчентин версис“, објавени се песни и био-библиографија од македонската поетеса, критичарка и есеистка Маја Апостолоска, а во печатеното издание објавени се песни и белешки за акад. Матеја Матевски и поетеста Весна Ацевска.

Овој број на „Инчентин версис“ е посветен на еминентниот мексикански поет Октавио Паз, а освен од нашата поетеса, во книжевната ревија се објавени песни од афирмираната американска поетеса Пери Лонго, која го доби признанието „Восхитувачки поет“, а во периодот 2007-2009 била носител на титулата „Поет Лауреат“ на Санта Барбара, потоа од англискиот поет Тери Џонс, добитник на наградата „Бридпорт“, критичка студија за поезијата и есеистиката на Томас Стернз Елиот и др.

Новиот број на „Инчентин версис“ го уреди м-р Колин Харис од Универзитетот на Тенеси, САД.

Во печатеното издание „Најдоброто од Инчентин Версис“, пак, се објавени избрани песни проследени со био-библиографии на акад. Матеја Матевски и на афирмираната македонска поетеса Весна Ацевска. Ова издание, кое го уреди проф. д-р Хауард Гуд од Државниот универзитет на Њујорк, претставува антологија на песни со највисоки книжевни вредности објавени во списанието во текот на 2011 година.

Редакцијата на „Инчентин версис“ има интернационален состав, главен уредник е афирмираниот индиски поет Сонет Мондал, а од минатата година македонскиот поет, критичар и есеист Јовица Тасевски – Етернијан беше именуван за уредник-консултант.

You May Also Like