Денеска (31 мај ,петок), со почеток во 20.00 часот на сцената во Македонската опера и балет ќе се изведе операта „Аида“ од Џ. Верди.

Поради здравствени причини Игор Дурловски нема да настапи во улогата на Рамфис, на негово место ќе биде солстот гостин од Србија Иван Томашев.
Либрето: А. Гисланцони и К. ди Локл (според „Нитети“ на П. Метастазио и синопсис на О. Мариет Беј). Прва претстава – 4 декември 1871 г,, Каиро, Египет. Операта „Аида“ е напишана по нарачка на Тетарот во Каиро по повод отворањето на Суецкиот Канал и станала едно од врвните созданија на композиторовиот гениј. Дури во ова „егзотично“ либрето Верди ги наоѓа „своите“ теми, чувства и страсти: предодредениот трагизам, рок, безизлезност на ситуациите, љубов која ја победува смртта. Богатството на музичката содржина на „Аида“ е постигнато со заемното дејствување на неколку музички планови и нивниот совршен сооднос: експресивно-психолошката линија на главните херои, мрачниот и непоколеблив свет на свештениците, раскошните триумфално-маршовски масовни сцени, егзотичниот свет на Истокот чијшто колорит органски се вградува во драматургијата и музичкиот јазик на операта. Чајковски напишал: „Генијалниот старец Верди во „Аида“ и „Отело“ отвора нови патишта за италијанските музичари“.
Диригент на претставата ќе биде Оливер Балабурски, режија на Дејан Прошев, сценографија на Зоран Костовски, костимографија Елена Дончева, кореографија на д-р Снежана Филиповска и концерт мајстор на претставата ќе биде Климент Тодороски.
Во насловната улога на Аида ќе настапи сопранот Седа Ортач од Турција, како Радамес ќе го видиме гостинот од Белгија тенорот Микаел Сападачини, мецосопранот Даниела Дјакова од Бугарија во улогата на Амнерис, како Рамфис ќе настапи Иван Томашев од Србија, улогата на Фараон ќе ја толкува басот Владимир Саздовски, Амонасро ќе е баритонот Марчело Липи од Италија, Главна свештеничка сопранот Олгица Милевска и како Гласник ќе го видиме тенорот Марјан Николовски.