МКЦ го прослави „Роденденот…“

Вчера (петок, 18 јануари, 2013) во Младинскиот Културен Центар -Скопје, по повод 40 години постоење на оваа установа, се одржа мултикултурната Манифестација „Роденденот…“.

МКЦ е единствена културна установа во земјава којашто е дел од интернационалната мрежа The Arts Birthday, по тој повод во просториите на МКЦ вечерва беше реализирана богата музичко литературно-ликовна програма.

Во 1963 година на иницијација на францускиот уметник Robert Filliou, почна славење на Денот на кој е „родена уметноста“. Симболично одреден е 18. јануари, па оттогаш изминативе 50 години низ светот се организираат многубројни настани со коишто се одбележува овој ден. Следејќи ги глобалните случувања, МКЦ, вечерва го одбележува светскиот ден на уметноста, збогатувајќи ја прославата со уште еден јубилеј, својот роденден –  Четири децении постоење на Младинскиот Културен Центар-Скопје. Настанот оваа година носи симболичен наслов „Роденденот…“, и сублимирајќи ги во себе обата родендени, нуди програма, која што, како и минатите две години на овој ден буквално го „окупира“ просторот на МКЦ. И што би можел друго да каже човек на мои 36 години, за полни 40 години на оваа установа, местото кадешто своите кариери ги почнале скоро сите македонски режисери, актери, литерати, ликовни уметници, со еден збор сите оние кои што се дел од културно-уметничкото милје на оваа земја. Нема поубав начин да се прослави роденденот на МКЦ од овој со најнесекодневната изложба на трите генерации на едно од најголемите уметнички имиња кај нас Коџоман, рече директорот на МКЦ, Златко Стевковски.

На изложбата присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој што ја искористи можноста да му честита на директорот Стевковски за комплетно новиот лик на Галеријата, во која што како што рече по повод овој голем јубилеј на МКЦ, сите ние имаме чест да ги видиме делата на трите генерации на ликовни уметници од фамилијата Коџоман.

Чест ми е што вечерва сум овде во културниот центар каде што за овие четири децении организирани се повеќе од 10.000 уметнички настани како театарски претстави, литературни читања, ликовни изложби, инсталации и перформанси. Овој податок зборува и за посетеноста на МКЦ во овие 40 години, токму затоа Градот Скопје финансиски помага во реконструкцијата на овој објект и во подобрувањето на условите во кои што работат вработените и уметниците, но и каде што, секојдневно доаѓа небројана публика. Градот Скопје и во иднина ќе ги поддржува проектите и програмските активности на оваа младинска културна институција, истакна градоначалникот Трајановски.

Во Комплетно реновирана Галерија во МКЦ (за прв пат по четириесет години), беше поставена несекојдневна изложба на дела од трите генерации македонски ликовни уметници: Коџоман I, II и III.

Во Киното Фросина, беше одржан комплетно оригинален поетски перформанс (Песнило), во чиишто рамки учествуваа повеќе млади поети. Автентичен, несекојдневен настан поезијата да се стави во функција на јавен простор со читање  песни на неконвенционален начин, поетски израз преку формата на перформансот  со цел на сцената да се прикаже нова димензија на говорење на стихот. Поезијата претставена во овој облик вон академските и литерарни текови,  треба да создаде нова атмосфера на неоткриени инвентивни излагања и подготвеност за акција и интерактивен однос со публиката не подолг од 5 минути.  Поетскиот перформанс Песнило го претставуваа: Иван Шопов – водител;  Ана Голејшка; Мане Манушев; Нина Андова; Исток Улчар; Анета Василева; Александра Спасеска; Даниел Карески; Александар Станојков; Небојша Стојаноски Мајор; Гаврило Миловановиќ; Костадин Героски; Марта Маркоска; Цветанка Колева и Марија Конеска.

Во Кино Милениум и Кино Фросина се прикажува 24 часовен филмски маратон, а проекциите се бесплатни. Во Градското кино Милениум, играа  Мадагаскар 3 (3Д); Пет Легенди 3Д; Ѕверови од јужната дивина;  Животот на Пи (3D); 7 дена во Хавана; Преку ридовите; Паранормална активност 4; Холи Моторс; Кога ќе се раздени; додека во Киното Фросина на МКЦ се прикажуваат: Истрага; Свадбена треска во Кампобело; Прекрасни и убави ; Овде и таму; Борбени девојки; Жени без мажи; Добредојде за хероите;Писмо за Америка и други.

Музичката кулминација на вечерта се случува на сцената во Дансинг салата на МКЦ, каде што пред верната публика на музичките спектакли на МКЦ свират: Протагонист од Гостивар;Паркети од Битола; Д` Далтонс од Скопје; Cоnquering Lion од Тетово; Канда Коџа и Небојша од Белград.

 

You May Also Like