Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ од Вевчани синоќа (30 мај) премиерно ја изведе претставата „Жорж Данден“ од Молиер, во режија на Ѓорѓи Ризески.
КУД „Дримкол“ од Вевчани како сериозна културна институција во Македонија достојно и професионално работи на развој и презентација на сценско-уметничките дејности во нашата држава и надвор од неа.
Театарската дејност е составен дел на ова друштво која е обединета во рамките на Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ кој години наназад поставува и презентира драмски текстови на домашни и странски автори, но секогаш сработени по Вевчански рецепт со многу немирен и непокорен дух во нив.
Најновата премиера на овој театар е текстот на Молиер ,,Жорж Данден,, во режија на гостинот од ЕСРА универзитетот, младиот режисер Ѓорѓи Ризески кој за претставата вели:
,,Велат, би било едноставно кога успешниот човек кој е силно застанат на своја нога би посакал својот успех да го круниса со семејството. Но, дали е тоа баш така едноставно кога најблиските членови од семејството ставиле маски само за да дојдат до полниот џеб на тој чесен човек? Вреди ли да се трпи таква неправда? Дали понекогаш и на најмилите работи човек мора да заборави и да се откаже од нив за животот да може да продолжи понатаму во мир и хармонија како и предходно?…,,
Првата реприза е закажана за денеска (31 мај) во 19:00