Давајќи максимална оценка од 5 ѕвездички, критичарот на лондонски „Ивнинг стандард“ ги истакнува силината и добриот енергичен хумор во изведбата на Симон Трпчески на Концертот за пијано и оркестар број 5 – „Император“ од Бетовен заедно со Лондонскиот симфониски оркестар и диригентот Васили Петренко, додека порталот „Класикал Сорс“ ја фали заводливата изведба со рафинирана деликатност во звукот на нашиот пијанист кој беше солист на настапот во лондонската сала Барбикан.
Концертот во распродадената престижната концертна сала беше дел од серијата во чест на 85-от роденден на легендарниот диригент Сер Колин Дејвис, кој од здравствени причини му ја отстапи палката на маестро Васили Петренко.
Дека токму Петренко е вистинскиот избор не само поради досегашната извонредна соработка со нашиот пијано виртуоз (освен многубројните настапи овој победнички тандем ги има и наградите и одличните критики за компакт-дисковите на кои со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар ги изведуваат сите дела за пијано и оркестар од Рахманинов), се покажа и на концертот што се одржа во четвртокот во Барбикан – матичната сала на еден од водечките светски ансамбли, Лондонскиот симфониски оркестар.
По Лондон, Трпчески заминува за Кливленд, САД, а следната средба со маестро Петренко ја имаат веќе следниот месец на сцената на престижната концертна сала „Волт Дизни“ во Лос Анѓелес каде што со Филхармонискиот оркестар на Л. А. ќе го изведат Пијано концертот од Григ.