Прва конференција за биодиверзитет на млекото

Првата конференција „Биодиверзитет на млеко“, се одржува по повод светскиот ден на храната 16 октомври 2014, годината посветена на семејните фарми од страна на ФАО.

biodiverzitet_na_mleko

 

Конференцијата ќе се одржи на 16 октомври 2014 година (четврток) со почеток од 11:00 часот во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна, Скопје.

Оваа конференција претставува прв поголем настан на која заеднички производителите, експертите, граѓанските организации и претставници на институциите ќе ги презентираат и дискутираат актуелните прашања околу биодиверзитетот во сточарството,  производството на млеко и преработката на млечни производи од страна на малите семејни производства и политиките кои го засегаат овој сектор.

Целта на настанот е да се отпочне дискусија меѓу сите учесници со која би се доближиле реалната слика на ова прашање и би се понудиле конкретни предлози за решавање на проблемите со кои се се соочуваат сите засегнати во синџирот на дистрибуција, од производителите до консументите.

Настанот се реализира во рамки на кампањата на Слоу Фуд  Македонија „Да го зачуваме биодиверзитетот на млеко“ и проектот ЕССЕДРА, финансиран од ЕУ и во соработка со Факултет за земјоделски науки и храна , Скопје.

Организаторите велат: „Во Македонија млекото и преработките од млеко отсекогаш биле значаен производ кој произлегувал од руралните средини, имајќи ја во предвид  традицијата на одгледување на млекодајни животни и производство на млечни производи. Иако сеуште се барани на пазарот, производството на  овие производи пополека одумира заради намалување на лицата кои се занимаваат со оваа дејност, намалување на сточниот фонд, немањето на целосни механизми за подршка и стигулирање на производството од страна на креаторите на политиките и регулативите  за овој сектор. Така денес имаме намалување на бројот на животни, исчезнуваат видови (водени биволи), раси (шарпланинска овца, каракачанска овца), изумира традиционалното производство на кашкавал и знаењето на мајсторите-мандраџии, а некои производи се веќе одамна исчезнати од нашите трпези. Остануваат неискористени пасиштата на високите планини. Сето ова се случува во услови кога голем број на лица во руралните средини се невработени,  ги напуштаат своите имоти и домови во потрага за подобар живот, а трендовите на побарувачка на висококвалитетни и органски производи, произведени на одржлив начин се во пораст“.

You May Also Like