„Борење со мечка“ синоќа на сцената на велешкиот народен театар настапи театарската група при Австралиско-Македонскиот Театар од Сиднеј …
На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ театарската група при Австралиско-Македонскиот Театар од Сиднеј синоќа ја изведе претставата „Борење со мечка“.
Во претставата, која е на текст на Душан Ристевски, а во режија на Стефо Нанцу, настапија Васко Србиновски, Ирена Вељанова, Никола Апостоловски, Валентина Апостоловска, Стефани Степановска, Јаворка Котевска, Самоил Митревски, Владо Сазданов и Мена Ристевска.
Душан Ристевски, автор на текстот, кој воедно е дел од тимот на Австралиско –Македонскиот Тетар од Сиднеј, е задоволен од изведбата на претставата. Вели дека од бројните негови текстови ова му е шести кој е поставен на сцена, и дека наскоро во Австралија по негов текст ќе работат комична претстава „Доктор жими мајка“.
Тој посочи дека вакви со претстави на македонски јазик најчесто настапуваат во места каде живеат македонски иселеници и оти тие одлично прифатени од сите генерации. – Целта на Австралиско-Македонскиот Театар е негување и популаризација на текстови на македонски јазик и нивна изведба и претставување пред младата публика Македонци во Австрлија, изјави Ристевски за МИА.
Претставата вечерва ќе биде изведена во Центарот за култура во Штип, потоа и во Струмица, Прилеп, Битола и Охрид. Во наредниот период имаат покани и за гостување кај македонските иселеници во САД и Канада и Шведска.
извор МИА