Изложба на графики на Валентина Илијевска во Крива Паланка

Во Градскиот музеј во Крива Паланка вечерва беше отворена самостојна изложба на графики на кумановската графичарка Валентина Илијевска.

kriva palanka panorama

– Изложбата носи наслов „За вредностите“ и содржи 24 графички листови работени во техниките дрворез, линорез и комбинирана техника. Најновиот циклус на графики на младата графичарка Илијевска претставува продолжување на нејзината претходна истражувачка работа на полето на комуникациските можности на апстрактниот графички јазик, информира директорот на Градскиот музеј Крива Паланка, Драган Величковски.

Величковски напомена дека координатор на проектот е Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово, а настанот е продолжение на успешната соработка со Кумановските институции.

Тој посочи дека вчера, како дел од програмата на Кривопаланечко културно лето беше промовирана збирката поезија „Поетски чекорења“ – Алманах 4 од Друштвото на писатели „Куманово“, а прв пат годинава остваруваат соработка со НУ Цетар за култура од Куманово, кој ведно ќе биде и промотор на изложбата.

На репертоарот од Културното лето кривопаланчани ќе можат да ја проследат и театарско-танчерската минијатура „Земјата, вселената и небото“ во изведба на здружението Партнери од Ќустендил, Република Бугарија. На 23 август ќе следува и третото издание на рок-фестивалот Џој Фест, рече Величковски.

You May Also Like