По долгиот ангажман на летниот фестивал во Халвил, Швајцарија, каде Благој Нацоски отпеа 13 претстави во улогата на Грофот Алмавива во „Севилскиот берберин“ од Росини, неговите активности продолжуваат на италијанскиот остров Сардинија.
Се работи за нова продукција на операта „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно која ќе биде изведена во театарот Верди во Сасари на 12 и 14 октомври, каде Нацоски ја толкува улогата на Тибалт. Како Ромео ќе се појави французинот Жан Франсоа Борас, а Јулија ќе биде турчинката Бурчу Ујар. Во интернационалниот состав кој деновиве ги привршува последните проби, ќе диригира Серхио Алапонт од Шпанија, а режијата му е доделена на Андреа Чињи. Инаку за македонскиот тенор ова ќе биде второ искуство во оваа улога, откако одбележа голем успех со истата на дебито во Театарот Карло Феличе во Џенова во февруари годинава, заедно со славниот Андреа Бочели.
Изјава на Нацоски: „Улогата на Тибалт ја играм по втор пат во мојата кариера, но оваа продукција е многу повозбудлива од претходната, затоа што дејствието е преместено во 50тите години на 20 век. Режијата е полна со акција, особено во мојот лик од кого режисерот бара масимална физичка активност. На сцената ќе има многу крв, а се бориме со вистински ножеви. На првите проби се здобив и со мала повреда на раката, токму во сцената каде го убивам Меркуцио, побратимот на Ромео“.
По двете претстави на Сардинија, Нацоски ќе одржи рецитал во Рим, целосно посветен на македонските композитори, а потоа следуваат настапи во Токио и Ниигата, Јапонија, како и една светска премиера.