Во Зоолошката градина во Битола денеска (петок, 13 јули) во 18:00 часот започнува детскиот креативен фестивал „Мечиња-дечиња“ чија цел е подобрување на условите во ЗОО.
Во деновите до 19 јули, секое попладне од 18 часот ќе се реализираат повеќе содржини во кои учество можат да земат сите заинтересирани.
Влезницата е симболична во износ од 30 денари. Средствата се наменети за подобрување на условите за живот на животните во Зоолошката градина. Покровител на детскиот креативен фестивал е Владимир Талески – Градоначалник на општина Битола во рамките на „БИТФЕСТ 2012“ .
Зоолошката градина во Битола, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Биосфера – Центар за едукација, заштита на животната средина и природата, започнувајќи од оваа година, во летниот период го спроведуваат проектот „Лето во зоолошката градина“.
Во текот на месеците јули и август во просторот на Зоолошката градина ќе се организираат бројни настани со цел да се привлече вниманието на пошироката јавност особено на децата и младите .
Содржините кои се нудат се од едукативно забавен карактер со една единствена цел да ја поттикнат љубовта кон животните и културата на однесување кон нив како и развивање на емоционални и социјални вештини кај посетителите на Зоолошката градина преку дружење игра и забава.