„Екот на векот“ раскази од Томе Богдановски

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, деновиве ја објави книгата со раскази на Томе Богдановски со наслов „Екот на векот“.

Повеќето од дваесетте раскази на Богдановски објавени во оваа книга, се веќе вреднувани низ еден објективен вредносен систем – анонимниот конкурс.
Авторот многу природно влегува во имагинацијата, палимпсестната конструкција и  реалното; во историското и современото тематско подрачје, во документаристичкиот и постмодерниот наративен дискурс, кој еднаш е едноставен и класично приказничен, другпат „уверливо“ фактографски, третпат вдахновен и со лирска боја на раскажувачкиот тон.

Дејството во расказите се потпира на цврста драматуршка структура; текот е динамичен или драматичен, со неочекувани пресврти, а дијалогот е одмерен и ефективен. Покрај фиктивните и ликовите „излезени“ од историјата или од познати книжевни дела, директни протагонисти во раскажувачкото дејство се и ликови од реалноста. Од една стрaна, се јавуваат Раскољников, Кафка, Прличев, Константин Миладинов…, а од друга Бранко Ставрев, Михаил Ренџов, Живко Чинго, Драган Даутовски…

—————————————————————————–

Томе Богдановски (1938, Бање – Кочанско) е поет, раскажувач, романсиер, драмски писател и учебникар. Карактеристично за овој автор е што голем дел од неговите објавени дела, пред се’ расказите радиодрамите и телевизиските драми, најпрвин се наградувани или избрани на анонимни конкурси. Во македонската литература дебитирал истовремено со три книги во 1972 година: „Апокрифи“, збирка песни за возрасни, „Црвениот рид“, збирка раскази за деца и „Го барам своето јато“, збирка песни за возрасни.

You May Also Like