Проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ кој што се реализираше изминативе шест месеци, вчера беше заокружен со меѓународна конференција која што се одржа во хотелот Холидеј ин во Скопје.
Општина Центар зеде активно учество во овој проект кој се реализираше под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Целта на проектот беше преку спортските активности на учениците од основните училишта од неколку општини низ Македонија, да се приближат различностите, да се одржува толеранцијата и почитта на едните кон други. Центар како општина која постојано поттикнува вакви проекти, учениците од своите училишта активно ги вклучи да учествуваат во ваквите спортски активности. Така, децата од Општина Центар, во рамки на овој проект имаа можност да спортуваат, а пред се да се дружат заедно со децата од општините Тетово, Прилеп, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште.
Конференција беше организирана од страна на Геостратешкиот институт Глобал и поддржана од страна на Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и Амбасадата на САД во Скопје.
На конференцијата, претседателот Иванов го промовираше новиот проект „Одбележување на спортски ден во Македонија“.
За децата од сите возрасти спортот е еден од најефикасните и најзабавните начини на градење мостови на взаемно почитување и толеранција. Ова се лекции што можат да ги употребат во текот на нивниот живот – потребата да се има доверба и да се почитуваат другите, да се споделува, да се даде се од себе, да се игра фер и никогаш да не се откажува дури и кога натпреварот се губи. Последниот фудбалски натпревар меѓу Македонија и Србија е одличен пример дека кога се игра за националниот тим, без оглед на културното или етничкото потекло на играчите, треба да се знае дека сите играат за истиот тим и само на тој начин се победува – истакна Американскиот амбасадор Пол Волерс.
На денешниот настан Градоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ доби благодарница за несебичната поддршка и вклученост во проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“.
Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ беше носител на овој проект за Општина Центар, поради мултиетничката застапеност на учениците кои учат во него. Учениците за време на реализацијата на проектот беа под директно менторство на професорите Драгослав Марина, Драган Станојковски и Чедомир Таневски.
На меѓународната конференција се обратија и претставници од сите општини, дечињата кои беа директни учесници во проектот, а од Општина Центар, пред присутните се обрати Ибраим Зекир. Исто така, на конференцијата беше промовиран и видео запис за тековните активности на проектот.