Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје информира дека следниве денови излегува од печат најновата, четврта по ред, стихозбирка на поетесата Сузана В. Спасовска, Низ темјанот, еден лилјан“, во библиотеката „Огнови“.
„Станува збор за автор со изграден поетски стих и идентитет“, пишува ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ во поговорот под наслов „Пофалба на женскиот принцип на постоењето“ укажувајќи дека токму оваа книга го потврдува тоа. „Она што е особено импресивно во лирско-философскиот трактат на нашата поетеса во нејзината најнова поетска книга е тоа што тој како еден вид
лирски тек на свеста е изнесен интроспективно низ Јас-формата на кажувањето. Таа интроспективна саморефлексија, која не само што ги открива преку себе катадневната божественост и светлина на жената, туку длаби и во архетипските митски библиски слики што ја осветлуваат изворно неа, е поетски и поетолошки функционална, духовно возбудлива и во некои песни префинета во својата интуитивна согледба и спознателност. Од светлината како основна космичка и онтолошка супстанција и симбол се извлечени сите основни деривати, метафорички, поетско-философски и идејни поими во оваа поезија, а тоа се: Љубовта, Жената, Бог, Детето, Телото“.
Спасовска е родена во 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега објавила три стихозбирки – И љубов и заговор (1996, Македонска книга), Смртно писмо (2004, Блесок) и Божествена жена (2006, Темплум), а Смртно писмо е објавена и како е-книга. Нејзини песни се застапувани во некои од антологиските избори на современата македонска поезија. Во
2006 година ја приредила и антологијата на поновата македонска поезија Пурпурни извори, во издание на „Струшките вечери на поезијата“. Од 2004 година е член на новата редакција на книжевното списание „Разгледи“. Пишувала и објавувала книжевнотеориски текстови во периодиката. Работи како професионален лектор.