Во рамките на програмата на Бит фест 2012 година, НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола ќе го реализира проектот„Биди кабадаја – читај книга“. Конкурсот ќе биде отворен од 23 јули до 15 август.
Дали се сеќавате кога последно сте читале книга? Книга со добра содржина која ве замислила и ве оставила малку да размислите за животот и каде Вие се наоѓате во него, а каде останатите – стои во повикот за „Биди Кабадаја – читај книги“.
Може да речеме дека околу 70% од луѓето избегнувале да ги читаат училишните лектири и дела, а со тоа имаат одбивност и кон останатата литература. Во активниот ден од околу 16 часа, зошто да не може да се изнајдат барем 2 часа за читање на некоја добра книга и добро место за читање на книга. И сепак знаеме дека бројот е голем на оние што ќе речат: -Mа подобро ќе го гледам филмот отколку да ја читам книгата-велат организаторите.
Со читање на книгата и самото дејство се доживува на поинаков начин. Се буди фантазијата, повеќе се размислува и се чуствува. Можете ли да замислите читајќи да се соживеете со книгата и да заплачете или гласно да се насмеете читајќи. Е тоа е длабоко чувство и со тоа писателот ја постигнал кулминацијата со тоа што ве вовел целосно во самото дејство. За крај, не е исто дали читате од книга hardcopy или дигитален облик на книга. Статистички е докажано дека читањето од екран е побавно за разлика од читањето од хартија односно книга. Затоа бидете во тренд и користете го интернетот и дигиталниот свет, но не заборавајте на книгите, и уживањето со нив. Земете добра книга, најдете добро место за читање, кафенце до Вас и уживајте. Фотографирајте се, најдете алтернативни места за читање на книги и испратете ги на нашиот профил на facebook (ПОРАКА) или на адресата Ленинова бр.39 – Битола, со назнака за проектот „Биди кабадаја – читај книга“.
Најдобрите фотографии ќе бидат наградени и изложени во холот на Библиотеката.