Баритонот Иван Наумовски нова ѕвезда на операта во Грац

Наумовски ќе биде најмладиот солист во екипата на оперетата „Веселата вдовица“ од Франц Лехар, во режија на познатиот француски оперски режисер Оливие Тамбози.

ivan_naumovski
foto: Minjas Zugic

Македонскиот баритон Иван Наумовски е најмлад студент на Мастер студиите на престижната Музичка академија во Грац, Австрија во класата на професор Том Сол.

Освен неколкуте настапи како дел од класата на еминентниот професор, минатата сезона успешно учествуваше и во 10 изведби на сцената на Операта во Грац. Нашата оперска гордост настапи како Импресарио во „Вива Ла Мама“ (или „Театарските згоди и незгоди“) од Доницети и како Мазето во Моцартовата опера „Дон Џовани“. Ласкавите критики за следнава сезона му обезбедија 14 претстави во оваа оперска куќа.

Наумовски ќе биде најмладиот солист во екипата на оперетата „Веселата вдовица“ од Франц Лехар, во режија на познатиот француски оперски режисер Оливие Тамбози. Премиерата ќе биде одржана на 8 ноември. На крајот од следниот месец, Наумовски ќе биде и почесен гостин на музичкиот натпревар на Академијата за уметност во Осло, Норвешка, додека последниот месец од годинава е резервиран за стартот на режиските проби на продукцијата на комичната опера за деца „Пунчот на желбите“ од Елизабет Наске. Оваа современа опера инспирирана од романот на Микаел Енде за прв пат се поставува во Австрија, а главната улога на злобниот волшебник Ирвицер му е доверена токму на македонскиот баритон Наумовски.
Потсетуваме, Иван Наумовски (24) студираше на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Марија Муратовска (инаку, негова мајка). По дипломирањето со највисока оценка, продолжи со мастер студии на Музичката академија во Грац. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди. Настапувал со Оркестарот на МОБ и Македонската филхармонија, учествувал на Скопско лето и Деновите на македонската музика. Посетувал мастер-класи кај еминентни уметници како Хелена Лазарска, Еленор Фалкенбург, Лидија Хорват Дуњко и Бригит Фасбендер. Членувал во наградуваниот хор „Драган Шуплевски“ под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, а од нашите диригенти соработувал и со Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев и Бисера Чадловска, додека концертниот подиум во рамките на Концертната турнеја низ Македонија го делел и со македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески.

Ivan Naumovski na koncert so Simon Trpceski

You May Also Like