Археолошки ископувања на локалитетот Градиште кај Пелинце

Започнаа археолошките ископувања на локалитетот Градиште во Пелинце, информираат од “Музеј” Куманово.

 

lokalitet_Gradiste-Kumanovo

Истражувањата ќе ги спроведуваат археолози од археолошкиот музеј од Скопје и од музејот Куманово. Средствата за истражувањата на овој локалитет ги обезбедува Министерството за култура. Како што објаснуваат надлежните, локалитетот Градиште е една од најголемите праисториски населби од бронзеното и железното време, лоцирана по долината на реката Пчиња.

– На овој локалитет се работи од 80-те години од минатиот век, а континуирано се истражува од 2007 година. Инаку, овој локалитет е познат по своето светилиште кое првo беше истражувано и даде значајни сознанија за бронзенодопската култура и обредна пракса во централниот балкански регион, вели директорката на кумановскиот музеј, Анита Цветановска.

Раководител на проектот е Александра Санев од Aрхеолошкиот музеј од Скопје, а ко-раководител е археологот од кумановскот музеј, Дејан Ѓорѓиевски. Моментално, истражувањата се насочени кон праисториската населба од рано железно доба, информираат надлежните.

– Станува збор за праисториска населба од 9 и 8 век пред наша ера. Работиме на откривање на контурите на праисториска куќа, што е мошне значајно бидејќи има многу малку истражени населби од ваков тип во северо-источна Македонија, вели археологот Ѓорѓиевски. При истражувањата, кои ќе траат дваесетина дена, ќе се настојува да се обезеди материјал од внатрешноста на праисториската куќа, објаснува Ѓорѓиевски и додава дека пронајдените парчиња од керамика, во понатамошното истражување ќе служат како репер за хронолошко определување на другите населби од тој период.

You May Also Like