Промовиран Зборник за конзулска Битола

Промовиран Зборник за Конзулска Битола и културните врски меѓу Македонија и Србија, денес во Битола …

charshija bitola 1

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) академик Владо Камбовски денеска во Битола го промовираше Зборникот трудови на тема „Конзулска Битола и историските, современите и идните културни и уметнички врски меѓу Република Македонија и Република Србија“.

Станува збор за публикација со трудовите од истоимениот меѓународен научен собир што минатата година се одржа во Битола, а на кој учествуваа 63 претставници од академскиот и јавниот живот на двете држави.

– Темата одговара на отворањето на една нова страница на односите меѓу народите на Балканот. Ова е време кога ние со обрасците од 19 или 20 век неможеме да се соочиме со предизвиците на новото време. 21-от век бара отвореност. Науката и уметноста се најпогодени да прескокнат било какви граници, да прескокнат напластоци од минатото и да ја отворат живата комуникација меѓу луѓето и народите во потрагата по заедничка иднина, посочи академик Камбовски.

Науката и уметноста треба да ја засилат својата мисија на поставување на мостови на разбирање и соработка меѓу балканските народи кои ќе се најдат во европското семејство, нагласи академик Камбовски на промотовниот настан.

– Битола низ вековите од секогаш била космополитски град. Битола во себе ги спојува времињата, државите и народите од овие простори и целата таа различност ја држи во една природна хармонија. Битола по својот дух како град кој посебно бил изразен во времето на конзулска Битола, а денес се враќа времето на конзулска Битола, може да понесе еден таков цивилизациски мултикултурен товар и да го издржи како предност. Мултикултурната традиција на Битола претставува една константа на градот и со тоа привлечно делува и за науката зголемувајќи го интересот за вакви научни средби, а од нив пак, за нас особено е важна иднината бидејќи ние таа иднина ја гледаме како заедница на сите балкански народи кои ќе се најдат во европското семејство, односно ЕУ и во НАТО како народи помеѓу кои нема да постојат административни или државни граници, туку народи помеѓу кои ќе постои слободен проток на идеи и капитал, истакна Камбовски на промоцијата во Битола.

Издавач на Зборникот на трудови е почесниот Конзулат на Република Србија во Република Македонија и во него се поместени трудовите на еден академик, 38 доктори на науки како и други профили на лица кои директно придонесуваат во соработката на двете држави.

– Културата е една од најголемите цивилизациски придобивки. Од памтивек па до ден-денес, највисоките умствени дострели почиваат на културата како свесен начин на себенегување и себеодгледување, се разбира во нешто подобро отколку претходното. Затоа културата е алфа и омега на поединецот, семејството и општеството на сите цивилизации и затоа убеден сум дека и наредниот 6 по ред научен собир ќе биде предизвикувачки, а ќе се организира во првата половина од 2015 година, посочи почесниот српски конзул во Битола, Силјан Мицевски.

You May Also Like