Ана Дурловски ќе пее во „Метрополитен“

Врвниот македонски сопран Ана Дурловски, нарекувана уште и македонскиот славеј, на 6 октомври ќе настапи на сцената на најголемата оперска куќа во светот – „Метрополитен“ во Њујорк.

Ana_Durlovski

 

Дурловски ќе биде првата оперска пејачка од Македонија што ќе стапне на сцената на која пееле и пеат Ана Нетребко, Рене Флеминг, Пласидо Доминго, Лучано Павароти. Се смета дека уметникот што ќе настапи во „Метрополитен“ си обезбедил светска кариера. Дурловски ќе настапи како Kралицата на ноќта во операта „Волшебната флејта“ на Моцарт, улога со која пред речиси осум години дебитира на сцената на реномираната Виенска државна опера.

Според програмата за сезоната 2014/2015 на „Мет“ (како што го нарекуваат њујорчани), што беше објавена деновиве, таа ќе има серија настапи во „Волшебната флејта“. Освен на 6 октомври, настапи ќе има и на 11-ти, 16-ти, 21 и на 25 октомври. Екипата во оваа продукција на „Волшебната флејта“ е мешана. Освен Дурловски, настапуваат јужноафриканскиот сопран Прети Јенде, англискиот тенор Тоби Спенс, австрискиот баритон Маркус Верба, германскиот бас Рене Папе, а ќе диригира Унгарецот Адам Фишер.

извор: Дневник

You May Also Like