Босанскиот поет и филмски сценарист Абдулах Сидран ќе биде прогласен за почесен поет на Скопје, на меѓународната манифестација „Празник на липите“ што ќе се одржи на 24 јуни во Друштвото на писателите на Македонија.
Почесното признание на Сидран ќе му го предаде градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, кој е покровител на манифестацијата. Абдулах Сидран е автор на богат поетски опус во кој значајно место имаат стихозбирките „Сараевска збирка“, „Болест од душата“ и „Песни после војната“. Добитник е на повеќе книжевни признанија во Босна и Херцеговина и во светот. Еден е од најзначајните современи филмски сценаристи. Познати се неговите филмови „Се сеќаваш ли Доли Бел“ и „Татко на службен пат“, во режија на Емир Кустурица. Абдулах Сидран и македонскиот поет Бранко Цветкоски се годинашни добитници на наградата за творечки опус „Книжевен жезол“. Ова признание досега го добија истакнати странски автори, меѓу кои: Вјачеслав Купријанов од Русија, Иво Одехнал од Чешка, Жак Гошрон од Франција, Адам Пуслоиќ од Србија, Анте Стамаќ од Хрватска, Марјан Гжешчак од Полска, како и македонските поети Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Јован Павловски, Катица Ќулавкова